Раст на извозот на храна од ЕУ во првата половина од 2024 за 116,4 милијарди евра

57

Во првите шест месеци од оваа година вкупниот извоз на прехранбени производи во ЕУ достигна 116,4 милијарди евра, што претставува зголемување за 1,1 милијарди евра или еден отсто во однос на истиот период лани, покажува Извештајот на Европската комисија за извозот во земјоделско-прехранбениот сектор на Унијата објавен денеска.

 

Според Извештајот, во посочениот период ЕУ остварила суфицит во надворешната трговија со храна од 33,7 милијарди евра, што претставува зголемување од 1,5 милијарди евра споредено со првите шест месеци во 2023 година.

Само во јуни годинава извозот на храна во ЕУ достигнал 18,9 милијарди евра, што претставува намалување од пет проценти во однос на претходниот месец и пад за четири проценти споредено со јуни 2023 година.

Најголем раст во првата половина на 2024 година бележи извозот на храна од ЕУ кон САД, кој е зголемен за една милијарда евра или осум проценти, првенствено поради повисоките цени на маслинките и маслиновото масло. Европскиот земјоделско-прехранбен сектор во првите шест месци бележи значаен раст и на извозот во Бразил за 209 милиони евра или 18 отсто.

Од друга страна, европскиот извоз на прехранбени производи во Кина е намален за 689 милиони евра или девет проценти, пред се поради намалената продажба на свинско месо, млечни производи и продукти од житни култури.

Инаку, вкупниот извоз на житните култури од ЕУ во првото полугодие на 2024 година е зголемен за осум отсто на 25,1 милиони тони, при што само извозот на пченица бележи раст за 2,7 тони.

Увозот на земјоделска храна во ЕУ, пак, во јуни достигна 13 милијарди евра, што претставува намалување во однос на мај 2024 година за 12 отсто и пад од еден процент споредено со истиот месец лани.

Најголем раст по вредност бележи увозот од Брегот на Слоновата Коска, кој достигна 951 милиони евра, што претставува зголемување за 46 проценти на годишно ниво. Следна е Нигерија со зголемување на увозот за 473 милиони евра и 132 отсто, што првенствено се должи на растот на цените на какаото. На трето место е Тунис чиј извоз во ЕУ е зголеми за 107 проценти, главно поради зголемените количества и цени на увезеното маслиново масло.

Од друга страна, најголем пад за 843 милиони евра или за 46 отсто, бележи увозот во ЕУ од Австралија, пред се како резултат на намалениот обем на набавката на маслодајна репка, по што следува Бразил со намален пласман на земјоделски продукти во ЕУ од 634 милиони евра, што претставува пад за седум проценти.