Раст на цените на нафтата

55

По неколкудневниот пад, цената на нафтата почна да расте, па во саботата, според податоците на веб-страницата OilPrice, цената на нафтата од типот брент е 76,13 долари за барел, додека нафтата од Тексас WTI, репер за американскиот пазар, е 71,74 долари.

Цените на нафтата се искачија над 76 долари на меѓународните пазари во петокот, откако американскиот Конгрес го суспендираше лимитот на националниот долг и централната банка објави дека може да направи пауза од зголемувањето на каматните стапки.

На лондонскиот пазар барелот се тргуваше по пладне за 1,88 долари повисоко од претходното затворање од 76,16 долари. Во Њујорк цената на барелот се зголеми за речиси исто толку, на 71,95 долари, пренесува Мина.

На крајот на неделата трговците се фокусираа на „усвојувањето“ на законот во американскиот Конгрес со кој беше суспендиран лимитот на националниот долг од 31,4 милијарди долари и се овозможи уредно сервисирање на финансиските обврски.

Цените беа поттикнати и од сигналите на американската централна банка дека можат да направат пауза во зголемувањето на каматните стапки, што изврши притисок врз доларот и ја зајакна куповната моќ на купувачите со други валути.

Аргумент во прилог на пауза во циклусот на затегнување на монетарната политика може да биде и малку побавниот раст на платите во мај, 0,3 отсто во однос на април, кога пораснаа за 0,4 отсто, покажа месечниот извештај на американското Министерство за труд.

Податоците, исто така, покажаа дека вработувањето малку се зголемило, со додадени нето 339.000 нови работни места, во споредба со 294.000 во април, според ревидираните бројки.

Вниманието на инвеститорите сега е свртено кон состанокот на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, кои повторно ќе ја разгледаат производната политика.