Развојната банка за работењето во 2020 година – стопанството поддржано со 81 милион евра кредити

30

Во услови на здравствена криза, Развојна банка се истакна со солиден капацитет и способност за брзо прилагодување на новонастанатите услови со цел пресретнување на потребите на реалниот сектор за финансиска поддршка, соопштија од банката презентирајќи го Годишниот извештај за работењето на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје за 2020 година.

Банката го поддржа реалниот сектор со кредити во износ од 81 милион евра, од кои: 13,5 милиони евра во форма на бескаматни кредитни линии – Ковид 1 и Ковид 2, дизајнирани согласно потребите на компаниите за справување со негативните ефекти предизвикани од здравствената криза; 56 милиони евра кредити од ЕИБ кредитната линија по исклучително поволни услови и каматни стапки и 11,5 милиони евра кредити од останатите извори на средства на банката. Дополнително, банката ги прилагоди и другите производи и услуги поради поддршка на реалниот сектор и притоа оствари зголемување на обемот на осигурување на домашни и извозни побарувања за 34% и зголемување на обемот на факторинг за 29% во однос на 2019 година.

Вкупната актива на банката во 2020 година е зголемена за 16% во споредба со минатата година, а во структурата доминантно учество имаат кредитните активности. И во услови на криза, банката ја оствари една од стратегиските цели за зајакнување на капацитетот за покривање на ризиците на кои е изложена, преку остварување на позитивен финансиски резултат од 31,8 милиони денари, кој се користи за зголемување на капиталот на банката. Имено, добивката за годината е распределена во резервите на банката, со што се зајакнува понатамошниот потенцијал за поддршка на реалниот сектор.

Банката ја заврши 2020 година со објавување на јавниот повик за третата бескаматна кредитна линија со грант компонента – Ковид , финансирана со средства од ЕУ преку активноста ЕУзаОтпорност од ИПА II програмата и Владата на РСМ, во вкупна вредност од 31 милион евра, која се пласираше во почетокот на 2021 година. Од почетокот на 2021 година, банката ја воведе и царинската гаранција како нов производ за домашните извознички компании

Заклучно со 31.12.2020 година, РБСМ учествува со 2% во вкупната актива на банкарскиот сектор и е деветта банка во државата според големината на активата. Воедно, 6,3 % од вкупните кредити на банкарскиот сектор кон нефинансиските друштва се пласирани со средства од РБСМ, соопштија од банката.

Фото: Pixabay