Рецесија во Германија „сè поверојатна“

Очекувањата за германската економија паднаа на рекордно ниско ниво во март поради војната во Украина и економските санкции против Русија, се наведува во студијата на Институтот за економски истражувања ZEW.

Институтот ZEW соопшти дека неговиот индекс на економско расположение паднал на минус 39,3 поени овој месец од февруарското ниво од плус 54,3 поени, пренесува Reuters.

Ова е најголем месечен пад од декември 1991 година, кога започна овој тип на истражување.

„Рецесијата станува сè поверојатна. Војната во Украина и санкциите против Русија значително ги намалуваат економските перспективи на Германија. Колапсот на економските очекувања е придружен со екстремен пораст на инфлациските очекувања“, се вели во изјавата на претседателот на ZEW, Ахим Вамбах.

Индексот кој ги мери тековните услови на работење падна на минус 21,4 поени од минус 8,1 претходниот месец.

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер во понеделник најави дека владата во среда ќе го одобри предлог-буџетот за 2022 година, но дека во наредните недели ќе биде доставен до парламентот за усвојување дополнителни фискални планови поради економските последици од војната во Украина.