Речиси никој не игра видео игри на Netflix

72

Популарниот сервис за стриминг Netflix почна да им нуди видео игри на своите претплатници преку делот Netflix Games уште во ноември минатата година. Компанијата оттогаш го прошири својот опсег на игри, но се чини дека помалку од еден процент од претплатниците ги пробале досега.

Имено, според податоците до кои дојде CNBC од аналитичката компанија Apptopia, Netflix Games има во просек по 1,7 милиони корисници, што е многу мал дел од вкупниот број претплатници ширум светот, кој изнесува 221 милион.

Податоците дополнително покажуваат дека игрите на Netflix се преземени вкупно 23,3 милиони пати од лансирањето на Netflix Games. Во почетокот, да потсетиме, се нудеше библиотека од само пет видео игри, додека денес ги има повеќе од 20.

Како што објави The Verge, Netflix сака да им понуди на претплатниците дури 50 видео игри до крајот на годината и купи три независни развојни студија кои ќе му помогнат да ја постигне оваа цел. Патем, претходните извештаи покажуваат дека преземањата на игрите на Netflix Games полека се зголемуваат, па затоа не е се „толку сиво“.

Потсетуваме дека претплатниците на Netflix на Android можат бесплатно да пристапуваат до видео игрите и да ги преземаат директно од апликацијата или преку Google Play Store, додека правилата на Apple налагаат тие да се преземаат исклучиво од App Store.