Регионален агробизнис форум во Скопје

45

0b008578-2f86-4056-868f-1317d9f1e518Главна цел на Регионален агробизнис форум што вчера се одржа во Скопје беше размена на искуствата и анализа на предизвиците во делот на земјоделството и агробизнисот со кои се соочуваат земјите од регионот пред и по нивното зачленување во Европската Унија.

На форумот присуствуваа претставници од најголемите компании за производство и трговија со храна и земјоделски производи, претставници на ресорните министерства и владини агенции, комори и здруженија на производители и преработувачи од Македонија, Албанија, Бугарија, Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Азербејџан, Молдавија и Украина.

Настанот беше организиран од страна на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот – Инвест Македонија и Агeнцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).

Презентерите на форумот ја потенцираа важноста од регионално усогласување на законите, стандардите, лиценците и најпосле соработката од сите засегнати страни на регионално ниво, бидејќи само така оваа индустрија може да биде конкурентна на посакуваните европски и светски пазари. Беше донесен заклучок дека земјите од регионов треба заеднички да работат на зголемување на трговската размена на храна и земјоделски производи, како еден од главните услови за подобрување на економскиот раст и развој.

Во неколку работни сесии се дискутираше на теми посветени на регионалната конкурентност, зголемување на трговската размена, меѓуграничната соработка, надминувањето на нетарифните бариери, иновативните информатички бизнис решенија за земјоделството и неговата модернизација пред пристапот во ЕУ.

Раководителката на секторот за извоз од Агeнцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Милица Живковска официјално го презентираше веб порталот на Агенцијата наменет за извоз, на кој сите странски и домашни инвеститори имаат можност да се запознаат детално со сите можности и начини за извоз од земјата.

Во рамките на форумот се одржаа и голем број на директни бизнис средби помеѓу компании производители, преработувачи, дистрибутери и извозници на храна и земјоделски производи од регионот.

Македонските претставници од приватниот сектор имаа единствена можност да се сретнат со претставници на најрелевантните синџири на супермаркети како што се, Агрокор, Метро, ЦБА, Веро и компании за трговија со храна на големо и мало.