Регионална конференција Вистински импакт за подобро владеење

19

unnamed

Мајкрософт во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација на Република Македонија организира регионална конференција Вистински импакт за подобро владеење во Скопје.

Конференцијата на едно место обединува експерти за решенија за јавниот сектор од Мајкрософт, претставници на Владите на Македонија, Косово, Бугарија, Албанија и Босна и Херцеговина, ИТ компании од Македонија и регионот, кои презентираа најдобри практики и решенија кои имаат единствена цел подобрување на капацитетот, ефикасноста и квалитетот на владините институции и единиците на локалната управа.

На конференцијата беше истакнато дека преку прифаќање на програмите за Отворено партнерство за владеење, платформи за интероперабилност, најновите клауд (cloud) технологии, воведување на принципите за сајбер безбедност и заштитата на личните податоци, се обезбедува поефикасна, поефективна и покомпетитивна администрација, што е и цел на секоја влада.

Свои обраќања имаа Министерот за информатичко општество и администрација на Македонија, Иво Ивановски, министер за транспорт и комуникации на Македонија, Стефан Плавјански и Александар Бајков од Мајкрософт Македонија и повеќе други лица кои ја истакнаа улогата и значењето на напредната информатичка технологија во јакнењето на капацитетот на администрацијата. Преку примери и пракси беа презентирани проекти со чие имплементирање се јакне транспарентноста, се поттикнува иновативноста и се креира ефикасна администрација.

“Мајкрософт има 25-годишно искуство во соработката со различни влади ширум светот, во кој период има креирано различни информатички услуги земајќи ги во предвид специфичните потреби на секоја влада.  Услугите треба да бидат лесно достапни за граѓаните на целата територија на државата, а токму користењето на клауд платформата ќе понуди поквалитетни сервиси за граѓаните за помалку пари. Мајкрософт ќе остане посветен на креирањето решенија за донесување подобри одлуки и обезбедување на уште поквалитетни услуги за поефикасна државна служба во Македонија”, изјави менаџерот на Мајкрософт за Македонија и Косово, Стефан Плавјански.

Mинистерот за информатичко општество и администрација на Македонија, Иво Ивановски, изјави дека транспарентноста е најголемата вакцина за корупцијата.

“Токму со тоа мото продолжуваме да го изработуваме новиот закон за отворени податоци, што наскоро ќе биде достапен за граѓаните  и ќе може да  видат кои институции  во кој рок во дигитален формат ќе ги отворат сите информации кои ги имаат јавно достапни за граѓаните според Законот за слободен пристап до информации. Со тоа секој ќе може да ги користи податоци и да генерира апликации и содржини што ќе придонесат за повисок брутодомашен производ. Користењето на клауд платформата е веќе започната со неколку институции. Се искористуваат решенија базирани на клауд платформа со тоа што ќе се следи ефикасноста од користењето на овие технологии и колку ќе има заштеда институцијата за да се направи квалитетна стратегија во соработка со Светска банка, за што се понуди да помогне Мајкрософт“, изјави Ивановски.

Македонските институции имаа можност да споделат искуства со претставници од земјите во регионот, а исто така интересни презентции на иновативни решенија имплементирани во своите институции имаа Маја Парнаџиева Змејкова – директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Дејан Рајчановски – советник на генералниот директор на Царинската управа на Македонија, Ивана Симиќ – ИТ менаџер на Советот на министри на БиХ, Ивајло Манџуков – ИТ менаџер во Министерството за финансии на Бугарија и други.