Рекорден број изложувачи на Мебел 2013

107

A---A-8 A05-На овогодинашниот Меѓународниот саем за мебел, кој ќе се одржи наредната недела на Скопски саем, ќе учествуваат 160 директни изложувачи од земјава и странство, а се очекува и зголемен број посетители.

Оперативниот директор на проектот Мебел 2013 Магдалена Хамбова изјави дека 20% од изложувачите се од странство, а карактеристично е што од година во година расте бројот на домашни производители на мебел, што покажува дека има подем во оваа индустриска гранка.

На саемот кој ќе се одвива во седум саемски хали ќе присуствуваат компании од Македонија, Италија, Бугарија, Грција, Германија, Србија, Хрватска, Словенија, Косово, Австрија и Чешка, а компаниите од Турција ќе имаат заеднички настап.

Посетителите ќе можат да го посетат саемот од 26 до 31 март и ќе имаат можност да ги погледнат најновите трендови во производството на мебел за дом, за кујни, бањи, спални, детски соби, канцелариски, мебел за јавни објекти, за индустрија и слично.

Како и минатите, така и оваа година традиционално ќе биде доделена наградата за производителите и трговците, а предвидена е и наградна игра за посетителите.

За времетраење на Мебел 2013 во Управната зграда на Скопски саем ќе биде отворена изложба на антиквитетен мебел и уметнички слики организирана од Асоцијацијата за култура ИКОН.

Годинава Скопски саем обезбеди и изложбен простор, без надомест, на СОС Детско село на кој штитениците ќе имаат своја промоција и ќе го презентираат и понудат на посетителите она што го создаваат.