Рекордно производство на македонската конзервна индустрија

214

Македонската конзервна индустрија годинава бележи рекордно производство, со квалитетни производи, но треба да ја подобри технолошката опременост, пишува Миа.

Следењето на технолошкиот развој ќе ги намали трошоците и ќе ја зголеми профитабилноста на фабриките. Новини во технологијата за преработка и пакување овошје и зеленчук пред домашни компании денеска презентираа италијански фирми, во организација на Агенцијата за промоција на надворешната трговија при Амбасадата на Италија – ИЧЕ Скопје.

За можностите за соработка се разговара и поединечни средби, а претставници на италијанските компании ќе посетат македонски преработувачки капацитети.

“Во Македонија има сè поразвиена индустрија со производи со одличен квалитет, а во Италија има развиена технологија за таа индустрија и сметаме дека е дојден моментот во Македонија да се работи на подобрување на технолошките услови во кои можат се подобро да работат македонските фирми. Сметаме дека оваа индустрија е многу важна бидејќи учествува со 3% од БДП на Македонија“, изјави Чинциа Бруно, директор на ИЧЕ во Скопје и во Софија.

Според италијанскиот амбасадор во Скопје Масимо Белели, Италија е традиционално добар партнер на Македонија во сите сектори, а особено во земјоделскиот во кој има можности за уште поголема соработка.

Сашо Ристески, директор на Здружението на производители од преработувачката индустрија, истакна дека тоа што Македонија е корисник на средства од ИПАРД програмата дава дополнителен стимул за можност за набавка на опрема за преработка, вклучително и опрема која потекнува од Италија.

Во Македонија има над 40 активни капацитети за преработка на овошје и зеленчук. Над 80% од преработката на домашното овошје и зеленчук е за извоз. Главен пазар со над 50% е Европската унија, каде е најголем германскиот. Втор пазар за пласман е Србија, како и останатите држави од регионот, а одредени количини се пласираат и во прекуокеанските држави, Австралија, Канада, САД.