
Француската автомобилска групација Renault во првиот квартал годинава забележа приход од 11,5 милијарди долари, што е за 30 отсто повеќе во споредба со истиот период лани.
Со објавените квартални резултати, Renault ги надмина пазарните очекувања, пренесува германската агенција dpa.
Во првите три месеци од годинава на ниво на групација се продадени 535.000 автомобили, што е за 14 отсто повеќе во однос на првиот квартал од минатата година.
Само во Европа продажбата на автомобили Рено се зголемила за 27,3 отсто.
Што се однесува до идните планови, групацијата истакна дека ќе продолжи да се фокусира на електрификација на возилата, со големи надежи за неодамна претставените модели на патнички возила, кои очекуваат дополнително да ја зголемат продажбата.











