Рено се врати на патеката на профит по две години загуби

Францускиот производител на автомобили Рено објави дека постигнал позитивен деловен резултат во 2021 година кој ги надмина очекувањата, по две последователни години загуби предизвикани од пандемијата на Ковид и  проблеми со купувањето чипови.

Рено, кој е во сојуз со јапонските Nissan и Mitsubishi, соопшти дека неговиот удел во нето добивката на групацијата изнесува 888 милиони евра (1,0 милијарди долари), додека аналитичарите во анкетата на Refinitiv предвидуваа 818,7 милиони евра, пренесува Reuters.

Профитабилниот бизнис е резултат на големото преструктуирање на компанијата, спроведено со цел да се намалат фиксните трошоци, фокусирајќи се на производството на најпрофитабилните модели и најважните пазари на Рено.

Нето добивката доаѓа по огромната загуба од 8,01 милијарди евра пријавена претходната година и загубата од 141 милион евра во 2019 година, прва забележана во период од десет години.