Република Српска ќе ги продава одморалиштата во Хрватска

54

Властите на Република Српска ќе побараат од Хрватска да им ги врати недвижнините, главно одморалишта во сопственост на претпријатија од овој ентитет пред распадот на Југославија, а потоа ќе ги продадат, изјави јавниот правобранител на РС, Слободан Радуљ.

Во интервју за Глас Републике Српске, Радуљ истакна дека вредноста на 63 недвижнини во Хрватска се проценува на преку половина милијарда евра.

“Ќе одиме со пробна варијанта како што Словенија го продаде својот имот во Хрватска, преку адвокатска куќа. Проценките на соработниците во Хрватска се дека не би требало да биде проблем тоа што Хрватска на 1 јули 2013 година влегува во ЕУ. Тие ќе ни помогнат да го префрлиме имотот на РС или имотот директно да се продаде”, вели Радуљ.

Јавниот правобранител додаде дека властите во РС треба да донесат одлука за продажба на недвижнините, главно одморалишта во сопственост на поранешни државни претпријатија. Имотот би се продавал по пат на меѓународни тендери.

Адвокатската куќа од Шибеник која ќе ја застапува РС, смета дека ова е изводливо и во случај да не се заврши продажбата пред влегувањето на Хрватска во ЕУ.