Ringly – паметен прстен што светка и вибрира кога ќе добиете порака или повик на мобилниот

36

ringly

Секоја жена е вљубена во модните додатоци и накит што и даваат поголема самодоверба и поубав изглед. Но, Ringly не е само обичен моден додаток, туку постојано дава информации за она што се случува на мобилниот телефон на неговиот сопственик.

Осумнаесеткаратниот прстен Ringy преку Bluetooth е поврзан со паметниот телефон и испраќа информации за примена порака или повик.

Целта на овој моден додаток е да ја инкорпорира технологијата во секојдневните детали што ги користат жените, па така да можат без било какви пречки да уживаат во своите активности без да пропуштат ниту еден повик или порака на нивниот мобилен телефон.

“Многу често ги пропуштам повиците и пораките што е фрустрирачки, особено кога сум на вечера со пријателите и кога не сакам мојот телефон да биде постојано на маса“, вели Кристина Меркандо, коосновач и главен извршен директор на Ringly.

Овој позлатен прстен со полускапоцени камења им остава можност на дамите да изберат дали сакаат да добиваат известувања само за пропуштен повик или за кратки пораки или за двете заедно.

Тимот што работеше на креирање на овој мултифункционален прстен планира во иднина да развие апликации за контрола со помош на гестикулации, едноставни мобилни плаќања, па дури и отклучување на врати. Но, во овој момент главната цел им е да ја развијат продажбата на овој моден и технолошки додаток.

Цените на прстенот се движат од 145 до 180 долари и постои можност за порачка преку интернет.