Ристески: Целта е заштита на стандардот, a не вештачко подигнување на цените

Министерството за економија ги анализира ефектите од мерката за ограничување на цените и маржите, која истекува утре. Заменик-министерот Марјан Ристески изјави дека досегашните податоци покажуваат позитивни резултати и најави дека конечната одлука за идните чекори ќе биде донесена по целосната анализа. Целта, рече тој, е заштита на животниот стандард на граѓаните и избегнување на неоправдано зголемување на цените.

Министерството за економија ќе ги анализира финалните резултати од мерката за лимитирани цени и маржи, пред да донесе одлука за идните чекори, изјави денеска заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.

“Од она што го имаме досега од Државниот завод за статистика резултатите се добри, но ги чекаме крајните резултати кои ќе бидат готови наредната недела,” рече Ристески.

Тој додаде дека, “Ако има потреба би продолжиле со мерката, а ако нема тогаш останува пазарната економија да ги регулира цените“.

Ристески изрази надеж дека сите учесници во трговскиот ланец веќе сфатиле дека приоритет треба да бидат граѓаните и заштитата на нивниот животен стандард. “Сите заедно треба да направиме сè за да го заштитиме стандардот на граѓаните и да не правиме вештачко подигнување на инфлацијата и цените кога нема економски прилики за тоа, односно да ги почитуваме законите на економијата,” истакна Ристески.

Тој исто така објави дека Министерството за економија е во завршна фаза на изготвување на Просечната потрошувачка кошничка, која ќе треба да помине низ неколку фази на разгледување, вклучувајќи го и Економско-социјалниот совет каде што ќе биде анализирана од синдикатите, работодавачите и Владата. Потоа, како што рече, ќе биде претставена на јавноста.

Ристески појасни дека Просечната потрошувачка кошничка се базира на прецизни информации од Државниот завод за статистика и Државниот пазарен инспекторат, при што цените на основните прехранбени производи се земени од различни маркети низ целата земја. “Податоците од просечната потрошувачка кошничка исклучиво ќе се користат за создавање и креирање квалитетни економски политики за заштита на животниот стандард, а не за креирање на јавното мислење,” нагласи тој.