Ризикот од рецесија во еврозоната е најголем од ноември 2020 година

90

Ризикот од рецесија го достигна највисокото ниво од ноември 2020 година поради стравувањата дека енергетската криза ќе ја турне веќе рекордната инфлација на уште повисоко ниво, според економистите анкетирани од Блумберг.
Веројатноста дека економската активност ќе се намалува два последователни квартали се зголеми од 45 отсто колку што беше во претходната анкета на 60 отсто.

Пред Русија да ја нападне Украина, таа веројатност беше 20 проценти. Германија, најсилната економија во еврозоната и една од најизложените на намалување на понудата на руски гас, веројатно ќе стагнира и овој квартал, пишува Блумберг.

Зголемените трошоци за живот во еврозоната создаваат проблеми и за компаниите и за домаќинствата, а како што се приближуваат последните месеци од 2022 година, руските енергетски закани дополнително го влошуваат тој проблем. Дополнително, застојот во логистиката се влошува поради големата суша што предизвика пад на водостојот на европските реки летово.

Според најновите очекувања, просечната инфлација би можела да достигне речиси осум проценти оваа година – што е четири пати повисоко од нивото кое го таргетира Европската централна банка (ЕЦБ) – и четири проценти следната година. Анкетираните аналитичари сè уште очекуваат инфлацијата да биде два отсто во 2024 година.