Роберт Орданоски избран за потпретседател на БЕРЕК

94

ordanovskiСпоред одлуката донесена на пленарната седница на БЕРЕК, што се одржа во изминатите два дена во Рига, Летонија, директорот на Агенцијата за електронски комуникации Роберт Орданоски е новиот член на Бордот на директори и потпретседател на Европското тело на регулатори за електронски комуникации (BEREC).

На состанокот учествуваше делегација од АЕК, предводена од Орданоски, како и претставници на регулаторните тела од земјите членки на Европска Унија, земјите кандидати за проширување и земјите членки на ЕФТА. Орданоски е избран како претставник од земјите кои учествуваат во работата на BEREC, а не се членки на Европската Унија.

“Ова претставува особена чест за Агенцијата за електронски комуникации и можност за непосредно учество и влијание во креирањето на европската регулатива за електронски комуникации, за која Република Македонија се обврзала да ја имплементира. На тој начин Македонија ќе има можност да учествува во создавање подобри конкуренски услови, со што ќе се овозможат попристапни електронски комуникациски услуги за сите граѓани од европскиот континент. Меѓу другото, на тој начин, преку местото во Бордот на директори, АЕК ќе може да предлага и да заштити, иницијативи и идеи кои се од посебен интерес за граѓаните на Република Македонија”, се вели во соопштението од АЕК.

На одржаната седница на БЕРЕК се усвоени поголем број документи кои се однесуваат на регулацијата на пазарите за електронски комуникации, а генералниот директор на Директоратот за комуникациски мрежи, содржина и технологија (DG CONNECT) на Европската Комисија, Роберт Маделин ја презентираше новата иницијатива за регулација на единствен пазар во ЕУ.

Како што информираат од АЕК, за оваа тема се отвори опсежна дискусија заради големиот број забелешки од претставниците на регулаторните тела во однос на начинот на кој се предлага, оправданоста на целите кои се предложени со неа и методологијата со која се планира да се постигнат.

“Оваа регулатива беше предложена во првата половина на септември од страна на Европската комисија до Европскиот Парламент по што се очекува нејзино усвојување во наредните месеци. Со неа Европската комисија предлага значителни измени на регулативната рамка од 2009 година со што се опфатени прашања кои се однесуваат на укинување на роамингот во земјите од Европска Унија, единствена нотификација на цела територија на Европска Унија, хармонизација на управувањето со радиофреквенцискиот спектар и заштита на правата на корисниците на широкопојасен интернет  во однос на ограничување пристап до одредени содржини и апликации”, информира Агенцијата за електронски комуникации.