
Романија и Хрватска минатата година имаа највисок раст на минималната плата во Европската унија (ЕУ) во споредба со стапката на инфлација, покажуваат податоците на Евростат.
Минималните плати растат побрзо од инфлацијата во повеќето земји-членки на ЕУ и земји кандидати, што доведе до нивен видлив реален раст во 2024 година. Сепак, овие плати значително варираат низ ЕУ. Во десет од 22 земји членки се под илјада евра.
Пет земји од ЕУ немаат утврдена минимална плата на национално ниво. Тоа се Данска, Италија, Австрија, Финска и Шведска.
Според Евростат, во јануари годинава бруто-месечната минимална плата варирала помеѓу 551 евро во Бугарија и 2.638 евра во Луксембург. Ако ги погледнеме земјите кандидати за членство во ЕУ, најниска минимална плата имала Молдавија од 285 евра.
Споредбата на растот на минималната плата и стапката на инфлација покажува дека во Романија минималната плата пораснала за 22,7 отсто во 2024 година со инфлација од 5,5 отсто.
Во Хрватска просечната инфлација е 4,5 отсто, а минималната плата е зголемена за 15,5 отсто.
Трета на листата е Бугарија каде инфлацијата е 2,1 отсто, а минималната плата е зголемена за 15,4 отсто.
Германија, на пример, е на дното на таа скала. Таму инфлацијата беше 2,8 отсто, а минималната плата порасна за 5,2 отсто. Во Франција соодносот е уште полош. Со инфлација од 1,8 отсто, минималната плата е за два отсто повисока. Само Кипар е полош од Франција, каде инфлацијата достигна 3,1 отсто, но минималната плата остана непроменета.
По Луксембург, Ирска има највисока бруто минимална плата, од 2.282 евра. Холандија е трета со 2.193 евра, а Германија четврта со 2.161 евро.
Словенија е на осмото место со сума од 1.254 евра. Хрватска е на тринаесеттото место со бруто минимална плата од 970 евра.
На дното, веднаш до Бугарија е Унгарија со сума од 707 евра.
Во групата има шест земји над 1.500 евра, со најниска сума во Франција, 1.802 евра.
Има и шест земји во опсег од 1.000 до 1.500 евра, а групата ја предводи Шпанија со бруто минимална плата од 1.323 евра. Интересно е што оваа група ја сочинуваа само две земји во јули минатата година, но во меѓувреме значително порасна со зголемувањето на минималната плата.
Конечно, во групата се 10 земји под илјада евра, а на врвот меѓу нив е Хрватска, со бруто минимална плата за две евра повисока од Грција (968 евра).
Минималната плата на Турција од 708 евра ги надминува двете последнопласирани членки на ЕУ, Унгарија и Бугарија.
Кога се гледаат минималните плати според стандардите за куповна моќ (ППС), разликите меѓу членките на ЕУ се стеснуваат, иако тие сè уште остануваат забележливи.
ППС дозволува нешто поправедна споредба бидејќи се третира како вештачка валута што ја одразува куповната моќ во одделни земји, според Euronews.
Германија е на врвот со бројка од 1.992, а потоа следат Луксембург со 1.969 и Холандија со 1.875.
Словенија е на деветтото место со бројка од 1.401, а Хрватска е на 11. место со бројка од 1.298 според ППС.