РСБСП: За здрави животни навики, за чиста животна средина, за побезбеден сообраќаj

70

Се чини дека повеќе од кога било велосипедот како превозно средство, се наметнува како неопходен начин за учество во сообраќајот. Растот на цените на енергенсите, зголемената фреквентност на сообраќајот, убавото време, но и здравиот начин на живот, се едни од клучните причини зошто треба да се избере велосипед како превозно срество.

Истражувањата покажуваат дека на растојание до 5 километри, во урбана средина, велосипедот е доминантно превозно средство во однос на автомобилот, од аспект на побрзо и побезбедно пристигнување на посакуваната дестинација и од аспект на полесно паркирање. Паркингот за велосипеди е секогаш достапен, бесплатен и одзема многу помалку простор.

Со користењето на велосипедот како сообраќајно превозно средство се заштедуваат финансиски средства кои би се давале за гориво. Исто така, купувањето велосипед е далеку поевтина опција отколку купувањето автомобил.

Велосипедистите се рамноправни учесници во сообраќајот и треба да се почитуваат како и останатите моторизирани и немоторизирани учесници во сообраќајот.

Бидете внимателни возачи и внимавајте на велосипедистите во сообраќајот. Но, и велосипедистите исто така се должни да внимаваат на останатите учесници во сообраќајот.

РСБСП советува велосипедистите да бидат внимателни и да го почитуваат следното:

  • да се движат што поблиску до десниот раб на коловозот, а ако постои велосипедска патека – по велосипедската патека, односно лента;
  • пешачките премини да ги поминуваат низ пропишаната црвена патна лента лоцирана непосредно до сообраќајната зебра, а доколку нема таква патека, пешачкиот премин да го преминат симнати од велосипедот;
  • ако на патот постои посебно уредена велосипедска патека, да се движат по десната велосипедска патека во однос на правецот на движењето на сообраќајот;
  • на велосипедски патеки кои се уредени и обележани за сообраќај на велосипеди во двете насоки, велосипедистите треба да се движат по десната страна во правецот на движењето;
  • брзината за велосипеди кога се движат по велосипедска патека или лента е ограничена на 25 km/h.

Мобилноста на велосипедот, брзото и практично движење, како и исплатливоста, го зголемува бројот на велосипедисти во сообраќајот. Но, секоја година десетина велосипедисти го губат животот во сообраќајни незгоди. Затоа бидете одговорни велосипедисти и почитувајте ги сообраќајните правила и прописи!

РСБСП со апел: За здрави животни навики, за чиста животна средина, за побезбеден сообраќај – користете и поддржувајте алтернативни форми на мобилност (пешачење, велосипедизам и јавен превоз).