Рубикова коцка – случајната “играчка” што стана најпродавана во светот

274

innovation_rubik_cube

Ако сте љубопитни, ќе најдете многу загатки околу вас. Ако сте одлучни, ќе ги решите.

Рубиковата коцка е дело на Ерно Рубик, скулптор и професор по архитектура од Унгарија. Приказната започнува во 1974 година кога Ерно за потребите од предавањата, се обиде да создаде 3D механизам чии делови можат да се поместуваат без притоа предметот да се распадне. Тој успеа во намерата, но не ни претпоставуваше дека неговата коцка ќе стане најпродаваната играчка во светот.

На професорот му требаше повеќе од еден месец да го реши својот изум, односно да ја намести коцката, а чувството го опиша како емоционално. За Ерно коцката важи за уметнички предмет, мобилна скулптура што симболизира контрасти на човековата состојба: збунувачки проблеми и триумфална интелигенција, едноставност и сложеност, стабилност и динамика, ред и хаос.

blog_msmith-07152014_DSC_2173_original Rubik's cube prototype_LSC

Откако го презентираше својот прототип на студентите и пријателите, професорот почна да го согледува потенцијалот на својот изум. Следен чекор беше коцката да почне да се произведува. Првите коцки беа направени и дистрибуирани во Унгарија од страна на компанијата Политехника. Првите рубикови коцки беа продавани под името Магични коцки (Buvos Kocka) и тежеа два пати повеќе од денешните.

Најтешкиот чекор беше рубиковата коцка да излезе надвор од границите на Унгарија. Сепак, тоа беше овозможено со помош на математичари кои ги носеа своите коцки на интернационални конференции и од еден унгарски претприемач иселеник, кој во 1979 година ја однесе оваа играчка на саем за играчки во Нуремберг, Германија.

messe_einstieg_1594

Производот интернационално беше лансиран во 1980 година и преименуван во Рубикова коцка по препорака на извршните директори од Ideal Toy Company, интернационалниот дистрибутер на коцката. Компанијата се одлучи за ова име поради тоа што претходното Magic Cube не им се допаѓало.

Интересни факти и рекорди

За изминатите 35 години, откога е пуштена во продажба надвор од Унгарија, продадени се приближно 350 милиони коцки, со што е најпродаваната играчка на сите времиња.

Според пресметките, еден од седум луѓе на планетава се обидел да ја намести рубиковата коцка.

solving-rubik-cube-840x420

Во април годинава во Пенсилванија, САД беше поставен Светски рекорд, кога Колин Барнс реши рубикова коцка со димензии 3x3x3 за 5,25 секунди или за 0,3 секунди побрзо од претходникот. Истиот месец во Канбера, Феликс Земдекс стана најбрзиот решавач на рубикова коцка со една рака – 6,88 секунди.

Во натпревар одржан во Полска во јуни годинава, Јакуб Кипа намести рубикова коцка за 20,57 секунди – со неговите стапала.

Минатата година Марчин Ковалчук на шампионат во Полска исто така постави нов рекорд. Тој реши рубикова коцка без да гледа за 21,17 секунди, вклучувајќи го и времето да ги запомни боите пред да почне.

Една ваква коцка може да се купи за 18,6 долари на официјалната веб страна на производителот, додека во сите други продавници чини многу помалку.

Најскапата рубикова коцка беше креирана во 1995. Таа е декорирана со бели дијаманти, црвени рубини, зелени смарагди, виолетови аметисти, сини и жолти сафири вешто поставени на златна подлога од 18 карати. Нејзината вредност се проценува на 1,5 милиони долари.

ArticleRubiksCubeAnniversary2Рубиковата коцка е “виновна” за нова насока во уметноста (Rubik Cubism), разни поп видеа, холивудски филмови, а има и свое ТВ шоу.

Ги претставува генијалноста и конфузијата, беше инспирација за раѓање на нов спорт – Speedcubing… и секако, се “прошета” и до Вселената.