Русија ќе пренасочи повеќе од половина од извозот на нафта од ЕУ во Азија

71

Оваа година Русија ќе пренасочи повеќе од 60 отсто од извозот на нафта и нафтени деривати од ЕУ во Азија, изјави рускиот вицепремиер Александар Новак.

„Од 220 милиони тони сурови и рафинирани производи кои претходно беа наменети за ЕУ, Русија ќе преориентира 140 милиони тони во Азија“, рече Новак.

Тој додаде дека на Запад ќе останат околу 80-90 милиони тони.

Русија ги пренасочи своите испораки на нафта како одговор на западните санкции откако ЕУ престана да прифаќа нафта од земјата транспортирана по морски пат.

Во декември, ЕУ, Г7 и сојузничките земји воведоа ембарго и ограничување на цената од 60 долари за барел на руската нафта. Слични ограничувања беа воведени и во февруари за извоз на нафтени деривати.

Новак на почетокот на годинава објави дека извозот на руска нафта во 2022 година се зголемил за 7,6 отсто на 242 милиони тони, а производството на сурова нафта достигна 535,2 милиони тони, што е два отсто повеќе од претходната година.

Русија го зголеми транспортот преку своето големо пристаниште Козмино на Далечниот Исток, за да го пренасочи снабдувањето со енергија кон „пријателските земји“. Како резултат на тоа, испораките во земјите од азиско-пацифичкиот регион се зголемија на 42 милиони тони годишно, наведува „Раша тудеј“.

Податоците на руската Федерална царинска служба покажуваат дека извозот на сурова нафта и нафтени деривати се зголемил за 42,8 отсто во 2022 година во споредба со претходната година и изнесувал 383,7 милијарди долари.

Новак изјави дека обемот на испораки на нафта само во Индија е зголемен за 22 пати во 2022 година.

Русија, исто така, беше најголемиот снабдувач на нафта за Кина во првите два месеци од 2023 година, со обемот на испораки во јануари и февруари повисок за 23,8 отсто на годишна основа.