Русија на некои азиски земји им понудила долгорочни договори за купување и продажба на нафта со попусти до 30 отсто. Целта на Москва е да ја спречи можноста за воведување плафон за цената на нејзината нафта, за што беше разговарано на самитот на Г7 во јуни.
Неименуван функционер зборувал за можна потрага по нови купувачи на руска нафта, која би ги заменила европските клиенти, пишува „Комерсант“, повикувајќи се на наодите на „Блумберг“. Изворот не прецизираше на кои азиски земји Русија им нуди нафта со попуст.
Сепак, претходно индонезискиот министер за туризам Сандиага Уно објави на Инстаграм дека Русија нуди нафта по цена за 30 проценти поевтина од онаа на меѓународниот пазар. Тој додаде дека индонезиската влада ја разгледува понудата, но стравува дека земјата може да биде санкционирана поради тоа.
На крајот на јуни западните медиуми објавија дека земјите од Г7 би можеле да воведат плафон на цените на руската нафта и гас за да го ограничат приходот на Русија, и покрај зголемувањето на цената на нафтата на светскиот пазар. Земјите членки на Г7 изјавија дека азиските земји се заинтересирани да ја ограничат цената од различни причини, или за поддршка на западната иницијатива или за намалување на цената на руската нафта.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во таа прилика изјави дека воведувањето на гранични цени е „предмет на преговори“ и дека тоа треба да се разгледа од правна страна. Увозот на руска нафта го забранија Вашингтон, Отава и Лондон, додека Европската унија во согласност со шестиот пакет антируски санкции ја објави забраната која треба да стапи на сила на почетокот на следната година.
Според извештаите на медиумите во мај, најголемите кинески нафтени компании ја зголемиле својата флота на танкери за да го зголемат увозот на руска нафта по намалена цена. China International United Petroleum & Chemical Co, попозната како Unipec, постави цел да увезува 1,1 милиони барели нафта дневно по морски пат. Unipec наводно ангажирал уште 10 бродови, објави тогаш Business Market.
Кина во мај објави дека сака да ги надополни своите стратешки нафтени резерви.
Побарувачката за нафта од Урал е драстично намалена поради санкциите на Западот против Русија, а падот на побарувачката резултираше со пониски цени, што Кина прва го искористи. Пекинг наводно платил само 29 долари за барел за руска нафта, иако во тоа време таа вредела повеќе од 115 долари. Кина, исто така, увезува околу 800.000 барели руска нафта дневно преку гасоводи, објави Ројтерс.