Бруто домашниот производ (БДП) на Русија беше четири отсто поголем на крајот на 2024 година поради силната активност на потрошувачите, изјави премиерот Михаил Мишустин, повикувајќи се на прелиминарна проценка на Министерството за економски развој.
„Главниот двигател на растот беше преработувачката индустрија, која порасна за осум отсто, посилна отколку што покажаа првичните прогнози“, посочи премиерот.
Уделот на додадена вредност во тој сектор е многу поголем отколку во продажбата на суровини и, според неговите зборови, претставува доказ дека руската економија сè повеќе се фокусира на технологијата.
„Важно е да се продолжи и да се зајакне овој тренд во наредните години“, додаде рускиот премиер Мишустин.
Во 2023 година руската економија порасна за 3,6 отсто, пренесува Хина. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во јануари процени дека рускиот БДП пораснал за 3,8 отсто минатата година, откако пораснал за 3,6 отсто во 2023 година.
Годинава, според нивните проценки, растот би требало значително да забави, на 1,4 отсто.