Американските тутунски компании кои со децении негираа дека ја лажеле американската јавност за штетноста од пушењето, сега ќе мораат на сопствен трошок да спроведат рекламна кампања со која ќе ја признаат својата лага, пресуди американскиот сојузен суд.
Сојузниот судија Гладис Кеслер одлучи во вторникот дека новата кампања во која фабриките за тутун ќе ги признаат своите лаги ќе бидат адекватна противтежа на децениските кампањи со кои се лажеше јавноста.
Огласите треба да се објавуваат во различни медиуми во следните две години. Деталите околу тоа колку ќе чини кампањата и кои медиуми ќе бидат вклучени, се уште треба да се разработат и веројатно ќе бидат предмет на нова правосудна битка.
Најголемите тутунски компании објавија дека ќе ја проучат пресудата, па ќе одлучат како ќе постапат понатаму.
Најголемите компании за производство на цигари во САД потрошиле 8,05 милијарди долари во 2010 година за рекламирање и промоција на нивните производи, додека во 2008 за истата цел потрошиле 12,5 милијарди долари, според извештајот на Федералната комисија за трговија.
Одвоено, тутунските компании се борат на суд со американската Прехранбена и лекарска администрација (FDA) поради етикетите за предупредување што мораат да ги ставаат на производите од тутун. FDA предложи нови графички предупредувачки етикети кои се многу експлицитни. На пример, на една од нив има слика на човек со дупка во грлото.