На плоштадот во Гевгелија вчера се одржа Саемот на храна и вино. Манифестацијата беше завршен дел од проектот што заеднички го реализираа општините Гевгелија и Пеонија од Грција во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка.
Десетина компании од Гевгелија производители на преработки од овошје и зеленчук, прехрана и вино, и пет компании од соседна Грција ги претставија своите производи на Саемот.
Настанот го отвори градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов кој во своето обраќање истакна дека манифестацијата е потврда за континуитет и проширување на соработката меѓу пограничните компании и изрази надеж и подготвеност таа да продолжи понатаму.
Заменик градоначалникот на Пеонија, Константинос Симеонидис во поздравниот говор нагласи дека заедничкиот проект постигна значителен успех и дека очекува да продолжи соработката во проектот од кој бенефит ќе имаат локалните економии на двете општини.