Од 22-ри до 27-ми март на Скопски саем ќе се одржи меѓународниот саем за мебел, којшто оваа година го одбележува своето 42-годишно постоење.
“Меѓународен саем на мебел, опрема за домаќинства и јавни објекти, репроматеријали и машини за индустријата на мебел, опрема за домаќинства и јавни објекти, репроматеријали и машини за индустријата на мебел е водечки настан во модерниот и класичен мебел и дизајн на овие простори и пошироко“, стои во соопштението.
На овогодишниот Саем за мебел ќе се случува вистинско уживање за сите оние кои ќе дојдат да си купат нешто за дома, дворно место или канцеларија од 400-те странски и домашни изложувачи коишто имаат понуда од 10.000 изложени парчиња на мебел и сето тоа за прв пат во рекордни 11 саемски хали.
“Меѓународниот саем за мебел стана препознатлив бренд во оваа индустрија и со текот на годините прерасна во еден од најдобрите и најпосетени саеми во регионот. Станува збор за една од најатрактивните манифестации кај нас и пошироко, којашто е запаметена и со нетрпение очекувана заради своите оригинални декорирани изложбени простори, коишто покрај мебел за домот го трасираат трендот за модерните кујни и елегантни бањи, осветлување, подови и ѕидни декорации, материјали за тапацирање, како и канцелариски мебел, мебел за јавни објекти, мебел и додатоци за со љубов уредувани градини, како и најновите технички и технолошки достигнувања на репроматеријали, машини и опрема за обработка на дрво кои заслужуваат целосно внимание“, изјави оперативниот директор на проект во Скопски саем, Магдалена Хамбова.
Оваа специјализирана комерцијално изложбена манифестација стана своевидна берза на оваа индустриска гранка и место за средба на производителите и трговците од нашата земја, балканскиот регион и пошироко. Над 50.000 посетители секоја година ги минуваат штандовите на саемот за мебел, а учество земаат повеќе од 400 домашни и странски изложувачи.