Самокритичност

163

samokriticnost

Фото: Pexels

Верувам дека повеќето од нас (ако не и сите), барем еднаш сме биле во ситуација да помислиме: „Не можам да направам ништо како што треба“, „Оваа работа не е за мене“, „Не сум доволно добар/а“, „Постојано правам грешки, што е проблемот со мене?“, „Никогаш нема да се подобрам“, „Само моја вина е“, „Другите се попаметни, подобри, позабавни од мене“ итн.

Често толку многу се самокритикуваме, со што во прашање ги доведуваме сопствените вредности, верувања и резултати, давајќи им преголем фокус на нашите грешки и на тоа што другите би го кажале за нас. Најчесто тој внатрешен глас кој го слушаме нè обесхрабрува, нè прави несреќни и незадоволни од себе и нè наведува да се двоумиме кога треба да донесеме некоја одлука.

Причините за развој на самокритичните мисли може да бидат различни: да потекнуваат од детството кога нема да завршиме некоја работа како треба, да се резултат на преголеми очекувања од себе и околината, да се дел од недобивањето на доволна позитивна поддршка за нашите достигнувања и сл.

Според некои истражувања постои конструктивна и неконструктивна самокритичност. Конструктивната самокритичност ни овозможува да имаме јасен преглед во она што не било направено добро и што би можеле да направиме различно следниот пат фокусирајќи се на работите и задачите што не биле доволно добро направени, за разлика од неконструктивната самокритичност која е директно насочена кон вредностите на личноста. Поради тоа, самокритичноста од една страна може да биде здрав начин на зголемување на самосвеста кон извршување на работите подобро и побрзо, како и надминување на нашите неуспеси и слабости, а од друга страна може да биде голема пречка за развој на самодовербата, преземање на поголеми ризици, спречување на презентирање на нашето мислење и ставови пред другите.

Справувањето со критиките од другите е многу полесно за разлика од начинот на кој ние си возвраќаме со критика. Тоа се гласовите во нашата глава кои ни велат дека никогаш нема да бидеме доволно добри во тоа што го учиме или работиме. Сепак, колку и да изгледаат тешки, не е невозможно да ги надминеме. Затоа, во продолжение ви презентирам неколку совети и идеи како би можеле да поднесеме критика без да се обесхрабриме да се обидеме повторно и да го дадеме најдоброто од себе:

Свесност. Треба да бидеме свесни дека само неколку луѓе се одлични кога ќе пробаат нешто за прв пат и никој не е добар во сè. Секогаш постои начин нешто да се подобри без разлика колку долго и добро да го правиме тоа. Исто така треба да бидеме свесни и да се запрашаме дали тоа што го мислиме навистина произлегува од нас самите. Можеби само ги слушаме гласовите на луѓето кои во текот на годините ни кажувале дека не можеме да завршиме некоја работа доволно добро или не сме достојни за нешто.

Позитивен став. Можеби некогаш ќе направиме толку многу работи за да се подобриме и сè уште ќе се чувствуваме лошо кога некој ќе ни каже дека не сме доволно добри. Затоа ако не се фокусираме да бидеме попозитивни за критиките кои ги добиваме, секогаш ќе се чувствуваме лошо. Критиките треба да ги гледаме како шанса да се развиваме, па дури и да ја надминеме личноста која ни ја упатува критиката.

Прифаќање. Справувањето со критики од другите е тешко, но наш е изборот како ќе ги прифатиме. Може ќе ви изгледа обесхрабрувачки кога шефот ќе ви каже дека не сте ја завршиле работата доволно добро и треба да промените уште некои работи, но прифатете го тоа како можност да бидете подобри. Дури и кога шефот ќе ве пофали за некоја работа, прашајте за друг алтернативен начин како можете следниот пат да ја завршите работата уште подобро.

Внатрешниот критички глас е научен. Внатрешниот глас кој го слушаме при секоја критика не се јавува природно и не го добиваме со раѓање. Тој е само слој во нашата потсвест кој постојано се развива со нашите мисли кога нема да направиме нешто согласно нашите очекувања или очекувањата на околината.

Водење на планер. Ако сакате да го добиете максимумот од вашата самокритичност, водете си планер и запишувајте ги вашите планови и цели. По некое време навратете се на нив и видете дали доволно добро сте ги дефинирале и процениле. Запишете  ги сите самокритички мисли и проблеми и ревидирајте ги од време на време за да оцените дали сте ја направиле посакуваната промена кон остварување на вашата цел.

Пристапете ѝ на критиката на истиот начин со кој би ги критикувале другите. Не знам дали сте забележале, но обично многу сме погруби кога треба да се критикуваме себеси отколку некој пријател или близок. Затоа потрудете се да го препознаете вашиот став кога се самокритикувате и запрашајте се ако вашиот најдобар пријател го има истиот проблем, како ќе го поддржите. Потоа однесувајте се кон себеси на истиот начин.

Заменете ја самокритичноста со самоподобрување.  Самокритичноста е важна компонента на учењето. Со цел да можеме да промениме нечие однесување и да се приспособиме на нова ситуација, важно е да ги препознаеме сопствените грешки како грешки, а потоа да погледнеме на ситуацијата од друга перспектива и да разбереме како би можеле да ги надминеме и да се подобриме следниот пат.

Иако верувам дека предложените совети е полесно да се кажат отколку да се направат, сепак знаејќи ги нашите силни страни и подготвеноста да ги слушнеме и прифатиме сопствените слабости е најмоќната и најзначајната работа што може да ја направиме за себе и да работиме на нашата самокритичност.

Со успех во промените.