Фото: Pexels
Повеќето од нас не знаат како да се саморекламираат. Обично или зборуваме малку за себе или претеруваме. Вистината, како и секогаш е некаде на средината – суптилно да се промовирате себе си, така што другите ќе ве забележат, без да оставите лош впечаток. Порталот Inc. препорачува пет начини како да ја најдете таа средина.
Резултатите нека зборуваат за вас
Луѓето сакаат да знаат што сте направиле, а не што ќе направите. Нема ништо подобро од старомодниот начин да привлечете внимание со резултатите од својата работа. Каков проблем сте решиле? Каква акција сте презеле? Како сте им помогнале на другите да постигнат нешто големо? Спроведувањето на нешто вредно е начинот на кој можете да бидете забележани.
Зборувајте за она во што верувате
Реченицата “Јас верувам во создавањето на работни места и во тоа луѓето да се чувствуваат корисни за време на работата секој ден” е многу поинаква од реченицата “Основав три производствени компании, во кои работат 200 лица.”
Зборувајќи за она во што верувате, ги нагласувате вашите достигнувања, без експлицитно да ги кажете кои се. Ако луѓето навистина се заинтересирани, тие ќе ве прашаат за детали.
Прифатете си ги неуспесите
Да си го признаете неуспехот е знак за ранливост, која пак, парадоксално е една од најголемите лидерски вештини кои постојат. Неуспехот го прави човечки патот кон успехот. Кога се чувствуваме поврзани со друго лице на чисто човечко ниво, многу е поверојатно да ја разбереме и прифатиме неговата кауза. Логиката и интелигенцијата можат да ви помогнат да стигнете до успехот. Автентичноста и скромноста можат да ве одведат многу далеку.
Одлучете по што сакате да бидете запаметени
Одредете вештина што ќе ве издвојува од другите и оставете ги другите да ве фалат. Вашата работа е да дознаете која е вашата супер сила, она што ве одликува, или она што го правите подобро од било кој друг. Ако сте навистина добри во нешто, луѓето ќе ве бараат поради вашата вештина.
Бидете малку и во центарот на вниманието
Секогаш има моменти кога можете да кажете нешто убаво за себе. Ако правите нешто навистина кул, зборувајте за тоа. Само зборувајте пред вистинските луѓе и бидете навистина сигурни дека тоа за што ќе зборувате, дефинитивно е неверојатно. Така вистинските луѓе ќе го согледаат вашиот успех без да го претворите во очигледна самореклама.