Samsung ви овозможува сами да ги поправате Galaxy мобилните телефони и таблетите

53
Со новата програма, Samsung ќе им овозможи на клиентите на Galaxy пристап до делови, алатки и упатства за поправка на сопствените уреди. Програмата е договорена во соработка со платформата iFixit, која овозможува пристап до алатки, инструкции и делови. Телефоните од сериите Galaxy S20 и S21 и Galaxy Tab S7 Plus се први во редот за резервни делови – но не и најновите телефони од серијата S22 на Samsung, како што беше најавено уште во март оваа година.

Делови и алатки за замена на екранот, задно стакло и приклучок за полнење ќе бидат достапни преку iFixit, како и на малопродажните и сервисни локации на Samsung, се вели во соопштението на Samsung. Ако купите комплет за замена на екранот, ќе добиете и право бесплатно да ги испратите старите делови на рециклирање.

Што се однесува до цените, Samsung вели дека крајните корисници ќе плаќаат иста цена за делови како и нивните официјални „даватели на услуги за поправка“. Во зависност од видот на деловите што ќе ви бидат потребни, трошоците за поправка на паметниот телефон или таблетот може да варираат, но веројатно ќе бидат многу помалку од купување на сосема нов уред.

Иако програмата моментално не ги опфаќа најновите уреди на Samsung, компанијата најавува дека планира да го прошири бројот на уреди и видовите на поправки кои се опфатени со оваа програма, пренесе The Verge. Засега, добро е да се знае дека барем некои сопственици на Galaxy можат да ги поправаат своите уреди дома.