
Од вчера во сила се американските санкции против Нафтената индустрија на Србија (НИС) поради мнозинската руска сопственост во компанијата. Компанијата објави дека во моментов се обезбедени доволни резерви на нафта за преработка, а бензинските станици се соодветно снабдени. Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека гориво ќе има до крајот на годината. Тој нагласи дека НИС може да работи без снабдување со нафта до 1 ноември. Според него, санкциите на НИС не се насочени против никого во државниот врв, но дека ќе се почувствуваат во „политичка, економска, социјална и која било друга смисла“. Вучиќ изјави дека разговарал со рускиот амбасадор и дека разговорите со американските претставници ќе продолжат. Вашингтон ги најави санкциите уште во јануари, но нивната примена беше повеќепати одложувана.
Откако пред Србија е тешка зима, се поставува прашањето дали ваквите санкции ќе имаат некакво влијание и врз соседството, особено Македонија, односно какво ќе биде влијанието на пазарот на нафта. Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ја смируваат ситуацијата. Во одговор за „Локално“, велат дека санкциите на САД врз НИС нема да влијаат врз пазарот на нафта во земјава, од причина што најголем дел (скоро 86%) од нафтата која е достапна во земјава е од увоз од Грција, додека од Србија се увезува под 1%.
-Согласно Годишниот извештај на РКЕ за 2024 година трговците на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, го вршеле увозот на нафтените деривати во земјава од 11 држави, при што најмногу нафтени деривати биле увезени од соседните држави: и тоа од Грција 85,98%, потоа од Бугарија 10,49%, Албанија 2,27%, Србија 0,96%, Црна Гора 0,15%, Романија 0,09% и мал процент на увоз од други земји, додаваат од РКЕ.