Компанија од Австралија по седум години повторно се активираше на кампањата за групно финансирање Kickstarter, со нова мини верзија на претходникот Scrubba, мини машина за перење. Овој пат тимот креираше двојно помала варзија, наречена Scrubba Mini којашто тежи само 70 грама и ја собира во рака.
Машината е наменета за оние кои патуваат со малку багаж, а особено е погодна за кампери, планинари и слично. Идејата е да се спакува што помалку облека, а Scrubba Mini да ја одржува истата чиста.
Во неа може да се стават чорапи, маици, долна облека, кошули, во зависност од капацитетот и потребите. Се додава вода и детергент и се затвора со систем сличен на ќесите со вакуум. Откако ќе се истисне воздухот, стапува во “функција“ внатрешен систем за перење, којшто ја отстранува нечистотијата од алиштата.
Според компанијата облеката се пере за само три минути и Scrubba Mini е ефикасна речиси како електричната машина за перење.
Нејзината почетна цена на Kickstarter е 25 долари, а испораките се очекуваат во август.
Фото Kickstarter