Се гради најголемата фабрика за чипови во светот вредна дури 230 милијарди долари

501

Јужна Кореја најави изградба на огромна фабрика за производство на компјутерски чипови во пошироката област Сеул, со проценета инвестиција од 230 милијарди долари од гигантот за мемориски чипови Samsung Electronics.
Плановите беа објавени во средата од претседателот Јун Сук Јеол и потврдени од електронскиот гигант.

Во владиното соопштение испратено до Си-Ен-Ен, се наведува дека комплексот ќе биде лоциран во провинцијата Гјеонгџи, која е дел од метрополитенската област Сеул, а вкупната инвестиција ќе биде завршена за околу 20 години, пренесува Си-Ен-Ен.

Се вели дека е најголемиот комплекс од ваков вид во светот.

Минатиот мај, Samsung (SSNLF) претстави план да инвестира повеќе од 350 милијарди долари во својот бизнис и да создаде десетици илјади нови работни места до 2026 година.

Најавено е дека првенствено ќе инвестираат во основни бизниси како производство на чипови и биофармацевтски производи. Засега нема детали како се поврзани овие две објави.

Samsung е најпознат по својата електроника, со своите популарни паметни телефони и телевизори. Во последниве години, компанијата дополнително ги подобри своите операции во секторот за снабдување со полупроводници бидејќи производителите ширум светот страдаат од недостиг.

Мемориските чипови, кои се покажаа како клучен извор на готовина за Samsung, ќе продолжат да бидат во фокусот и се планирани дополнителни инвестиции, велат од компанијата.

На полето на компјутерски чипови од високата класа, Samsung директно се натпреварува со Intel (INTC) и тајванскиот TSMC.