Продажбата на европските автомобили едвај порасна минатата година бидејќи постојаната инфлација, повисоките трошоци за задолжување и апатијата кон електричните модели ги наведоа потрошувачите да се воздржат од купување возила.
Регистрациите на нови автомобили во ЕУ се зголемија за 0,9 отсто на 13 милиони единици во однос на претходната година по скокот во декември, објави Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).
Продажбата на целосно електрични возила падна за 1,3 отсто откако земјите од ЕУ, вклучително и Германија, ги укинаа субвенциите за нивно купување, намалувајќи го нивниот удел на вкупниот пазар на 15 отсто, објави Блумберг.
Европските производители на автомобили се подготвуваат за тешка 2025 година, со построги цели на Европската унија за емисиите кои ги принудуваат да продаваат повеќе електрични возила и покрај падот на побарувачката. Бидејќи страдаат од падот на продажбата во Кина, најголемиот пазар на автомобили во светот, тие сега се соочуваат и со закана од дополнителни царини за увоз во САД, под претседателот Доналд Трамп.
Притисокот на цените, загубите на пазарниот удел во Кина, построгите регулативи за емисиите, тарифните ризици и континуираната слаба побарувачка создаваат „совршена бура“ за европските производители оваа година, напиша аналитичарот на UBS, Патрик Хамел, во белешка на почетокот на овој месец.