Сè поголем отпор на забраната за бензин и дизел во 2035 година – пет нови земји од ЕУ се против

86

Пет земји од Европската унија се против забраната за продажба на нови автомобили и лесни комерцијални возила на фосилни горива во 2035 година. Откако Германија рече дека нема да ја поддржи предложената забрана, сега ѝ се приклучија Италија, Португалија, Бугарија, Романија и Словачка. Овие земји предложија пореално сценарио, намалување на емисиите на CO2 од возилата за 90 отсто до 2035 година и целосна забрана во 2040 година.

Овие земји, исто така, предложија поблаг третман за лесните комерцијални возила на фосилни горива. Според нивниот предлог, емисиите на CO2 треба да се намалат за 80 отсто до 2035 година, а за 100 отсто во 2040 година, пишува „Јутарњи“.

Новата „фосилна коалиција“ на ЕУ од пет земји смета дека целосната забрана на бензинот и дизелот бара транзициски период и дека ЕУ мора да ја земе предвид различната финансиска состојба на граѓаните во различни земји-членки. Многу од нив не можат да си дозволат скапи електрични автомобили.

Иако Европската комисија пред неколку недели гласаше за забраната, таа сè уште не е на сила бидејќи таа одлука мора да биде потврдена од поединечни земји-членки. Избрана е 2035 година со цел да се постигнат нула емисии на CO2 во ЕУ до 2050 година. Имено, просечниот „животен век“ на еден автомобил е 15 години, а до 2050 година ЕУ би била исчистена од повеќето автомобили на бензин и дизел.

Од друга страна, повеќето производители на автомобили се за забраната. Така, Mercedes и Volkswagen неодамна објавија дека ја поддржуваат планираната забрана во 2035 година.