Сè помалa побарувачка за германски индустриски производи

124

Нарачките во германската индустрија повторно паднаа во септември, двојно повеќе од август, што е одраз на остриот пад на побарувачката од странство, покажаа денеска податоците на заводот за статистика.

Новите нарачки во индустријата се намалени во септември за 4 отсто во однос на август, кога паднаа за 2 отсто, откри Дестатис. Странската побарувачка потона седум отсто, со пад од 8 отсто на нарачките од еврозоната и 6,3 отсто од остатокот од светот. Домашната побарувачка порасна за скромни 0,5 отсто,  пренесува Индекс.хр.

Зголемена побарувачка за стоки за широка потрошувачка
Производителите на капитални производи во септември забележале пониска вредност на нарачките за 6 отсто, а оние на интермедијарни производи за 3,4 отсто. Министерството за економија издвои пад на нарачките од 9 отсто во автомобилската индустрија и пад од 8,1 отсто во машинската индустрија. Побарувачката на стоки за широка потрошувачка е зголемена за 7,2 отсто во однос на август.

Во споредба со ланскиот септември, индустријата забележа пад на нарачките за 10,8 отсто, речиси трипати посилен од август. „Се чини дека силниот прилив на нови нарачки, кои ги поддржаа ефектите од закрепнувањето по пандемијата на корона, исчезна“, забележуваат од Министерството за економија.

„Изгледите за индустријата се уште се пригушени поради високите цени на енергијата, кои сè повеќе стигнуваат до крајните потрошувачи. По неочекувано позитивниот развој на бруто домашниот производ во третиот квартал, се заканува слаб четврти квартал“, предупредуваат тие.