Се реализираше и 10-от Startup Weekend Skopje! Кои беа победничките решенија?

Минатиот викенд се одржа десеттото јубилејно издание на Startup Weekend Skopje – оваа година повторно онлајн. За време на викендот осум тимови работеа на нивните уникатни стартап идеи и за само 54 часа ги претворија во бизнис решенија.

Настанот се одвиваше на платформите Zoom и Discord и беше отворен со говор од страна на директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров. Настанот беше поддржан од страна на девет ментори – експерти од регионот, кои доброволно одвоија време и им помогнаа на учесниците да ги развијат своите идеи во правилната насока.

Судиите Владимир Трајковиќ, Игор Маџов и Душица Лазарова после следење на финалните презентации и дискусија со тимовите после нивниот пич, одлучија дека идеите кои заслужуваат да бидат наградени се следниве:

Трето место: Influnect – Поврзување на брендови со Tik Tok инфлуенцери од нивниот таргет пазар и обратно.
Второ место: Retrend – Платформа за продажба на аксесоари изработени од редизајнирани стари парчиња аксесоари и донирање на дел од профитот.
Прво место: Pick-a-Gift – онлајн шопинг платформа за подароци каде славеникот сам може да си го избере подарокот без да ги гледа цените

Ова е вториот онлајн Startup Weekend Skopje доброволно организиран од страна на Солвео – агенција за иновации, со поддршка од спонзорите: Фонд за иновации и технолошки развој, Startup Macedоnia, MK Host, Academy of UX, Дане Тодоровски, CASEUX, Red Central Production и Soft Serenity Candles. Да не ги заборавиме исто така и медиумските спонзори кои несебично ја раширија добрата вест за реализирање 10-от Startup Weekend Skopje.

“Следната година се надеваме дека настанот ќе може да се одржи во живо, а до тогаш чувајте се и размислувајте за вашата следна startup идеја“, велат организаторите.