Максимални казни за Субрата Рој и уште три директори на сестринските компании, како и одземање на нивните пасоши. Ова вчера го побара Регулаторот СЕБИ да биде изречено како казна од Врховниот суд во Индија.
Регулаторот побара да се преземат мерки против Sahara India Real Estate Corporation и Sahara Housing Investment Corporation Ltd поради непочитување на одлуките од 31 август, 2012, од 5 декември 2012, и 25 февруари 2013, да се уплатат 3 милијарди долари кои требаше да се пренасочат кон инвеститорите.
“Ваквата одлука се игнорира и презира не еднаш или два пати туку во три наврати. Овие директори треба да добијат максимална казна затвор”, изјави адвокатот на СЕБИ.
Тој го повика судот да се спротивстави на непочитувањето на судските одлуки од страна на Субрата Рој и директорите, и веднаш да ги депонираат пасошите во судот.
Сахара Груп пак пред Врховниот суд во Индија се изјави дека Субрата Рој не е одговорен за рефундирање на трите милијарди долари долг кон инвеститорите, спротиставувајќи се на аргументите на регулаторот СЕБИ.
Од СЕБИ тврдат дека парите кои Сахара Груп ги собрала од инвеститорите преку компанијата Sahara India Real Estate Corporation биле префрлани на сестринските фирми, а како најодговрен за тоа го посочуваат Субрата Рој.
“Ако Субрата Рој постојано бараше средби со претседателот на СЕБИ и комуницираше со СЕБИ за овој проблем, сега тој не може да тврди дека немал никаква врска со компаниите”, изјави адвокатот на СЕБИ.
Следното рочиште во Врховниот суд во Индија е закажано за 13 ти август.