Седум грешки во вашиот бизнис план што треба да ги поправите

206

biznis-plan-pixabay

Фото: Pixabay

Во раната фаза на бизнис планот, грешките не се исклучени. Она што треба да го направите е што побрзо да ги препознаете и елиминирате.

За да ви помогнеме во тоа, еве ги седумте најчести грешки што ги кочат вашите планови.

Не внимавате на готовинскиот тек

Повеќето бизнис планови во раната фаза се фокусираат на профитот. Сепак, многу поважно е да обрнете внимание на готовинскиот тек што покажува колку пари има вашиот бизнис во одреден момент. Технички бизнисот може да биде профитабилен на хартија, но сепак да има проблем со готовинскиот тек. Негативен готовински тек може да резултира со банкрот, затоа внимавајте на оваа точка во планот.

Премногу ѝ давате значење на централната идеја

Идејата е секако важна, но не е најважното нешто во вашиот бизнис план. Дури и на најдобрите идеи им треба малку практична основа за да успеат. Повеќе треба да се фокусирате на “каде, како и кога”, отколку на “што”.

Не сте доволно детални

Кога поставувате цели и правите долгорочни планови, треба да бидете доволно детални и да ги наведете сите спецификации. Многу претприемачи ги прескокнуваат деталите, најчесто од две причини – мрзеливост и страв. Во ред е да погрешите, но мора да бидете детални ако сакате мерливи таргети.

Нереални очекувања

За бизнис планот да успее, потребни се реални цифри и очекувања. Повеќето претприемачи се многу оптимистични и проектираат голем раст со мали загуби. За жал, најголемиот број од бизнисите не се движат во таа насока и затоа нереалните цели можат само да ве деморализираат на долги патеки.

Немате приоритети

Ако во бизнис планот имате 20 приоритети, вие всушност немате приоритети. Не може секоја задача да ви биде приоритет. Ако сакате да бидете ефективни во градење на бизнис, не можете да направите сè одеднаш.

Не сте направиле доволно истражувања

Без добро истражена индустрија и пазар кон кои планирате да се приклучите, бизнис планот ќе се заснова само на идеи и претпоставки. Потребни се поткрепени факти и цврста основа врз која ќе се темели планот.

Планот не е добро организиран

Вие не сте единствените што ќе го читате бизнис планот. Тука ќе бидат вклучени инвеститори, партнери, па дури и нови членови од тимот. Ако истиот изгледа неуредно и неорганизирано, ќе остави лош впечаток врз сите.