Секој нов предизвик претставува можност и потенцијал

489

Секој нов предизвик претставува нова можност и нов потенцијал останува на нас дали и како ќе ги искористиме, е инспиративната мисла што Магдалена Трајковска Трпевска, основач и генерален директор на Технолаб, ја води на патот кон успехот.

Бизнис Инфо: Од каде потекнува желбата за хемиското инженерство?

Мојата заинтересираност за хемијата како природна наука започна уште во основно училиште и како очекуван редослед на нештата продолжи на ПМФ во Скопје, на додипломските и постдипломските студии на Факултетот за хемиски науки. Бев дел од тимот кој ја развиваше лабораторијата за животна средина и безбедност при работа во состав на поранешниот Рударски институт во Скопје со што мојата експертиза во делот на хемијата се насочи кон областа на заштита на животната средина и заштита при работа.

Бизнис Инфо: Фокусот го ставате на заштита на животната средина и заштита и безбедност при работа. Колку е одржлив  во нашата земја ваквиот бизнис?

Самиот факт дека Технолаб со својата дејност опстојува од 2000 година е доказ дека ваквиот бизнис е одржлив, но тоа не значи дека во изминативе 20 години беше лесно да се опстои на македонскиот пазар. Одржливоста на Технолаб како компанија која нуди услуги во областа на заштита на животната средина и заштита при работа пред сé е резултат на исклучителна посветеност на нашата развојна стратегија која се базира на развој на ресурси – компетентен персонал и опрема согласно меѓународно прифатените стандарди.

Бизнис Инфо: Веќе 20 години ја водите сопствената компанија Технолаб. Како изгледаа почетоците, а на кое ниво е вашата компанија денес?

Од самите почетоци па до денес, развојот на Технолаб ги следеше потребите и барањата на нашите клиенти инкорпорирани во визијата Технолаб да биде компанија која ќе нуди услуги со највисок квалитет согласно меѓународните стандарди. Перцепирајќи ги потребите на пазарот започнавме со развој на нашата лабораторија за испитувања во животна и работна средина, со особен акцент на делот за мерење на емисии во воздух.

Во оваа смисла, во 2005 со имплементацијата на ISO 9001 година започнавме со воведување на системите за квалитет во нашето работење по што произлезе идејата за воведување и на останати системи за квалитет со кои ќе ги гарантираме квалитетот и компетентноста во текот на целиот процес на давањето на услуги.

Во 2008 година го имплементирање основниот систем за квалитет на лабораториите за тестирање ISO 17025 со што станавме првата акредитирана лабораторија во Македонија за вршење на испитувања во животна и работна средина. Развојот на лабораторијата на Технолаб се одвива континуирано и паралелно и во делот на теренската и во делот на аналитичката лабораторија.

Денес со особена гордост може да се пофалиме дека лабораторијата на Технолаб:

  • има најголем број на акредитирани методи за тестирање во животна и работна средина (опсегот на акредитација вклучува 82 методи),
  • е првата лабораторија за испитувања во животната средина во Македонија со имплементирани барања на техничката спецификација за мерење на емисија на загадувачки супстанции од стационарни извори МКТС CEN/TS 15675:2009
  • е првата и единствена лабораторија во Македонија која врши испитувања во делот на карактеризација и категоризација на отпад.

Паралелно со ова постојано работиме на одржување на интегрираниот систем за квалитет ISO 9001, ISO 14001 и OHSAS.

Бизнис Инфо: Кои се предизвиците со коишто се соочувавте во изминатите години, а произлегуваат од фактот дека сте жена претприемач?

Јас не сакам да верувам дека предизвиците на жените претприемачи се разликуваат од предизвиците со кои се соочуваат претприемачите од посилниот пол. Ова мое убедување можеби и ми помага полесно да се справувам со секојдневните активности како сопственик и менаџер на компанијата Технолаб.

Предизвикот да се биде пионер и лидер во областа во која делува компанијата Технолаб е мојата секојдневна движечка енергија особено затоа што заштитата на животната средина и безбедноста при работа е од исклучителна важност за сите. Технолаб со својот стручен и компетентен тим, целосно е посветен на спроведување на дефинираната стратегија за инвестиции во сопствените ресурси преку константен развој и усовршување на персоналните квалитети и техничко опремување во согласност со најновите технологии. Ова секако претставува предуслов за осигурување на квалитетот, но и влог за остварување на нашата визионерска цел – секогаш да сме лидери во областа на заштитата на животната средина. Истовремено нашата мисија е да дадеме придонес кон утврдување на професионалната и интелектуална свест за неопходноста од оптимален квалитет на животната средина во која живееме и безбедната работна средина во која работиме.

Лидерската улога на Технолаб, исто така, подразбира и континуиран развој и унапредување на квалитетот на услугите кои ги нудиме и препознавање на барањата на клиентите  со цел да дадеме навремен, квалитетен и компетентен одговор.

Во изминативе две децении успеваме да ја следиме нашата визија, а осигурениот квалитет и утврдената и препознатлива компетентност ни дава за право да очекуваме дека во следниот период ќе бидеме уште подобри.

Бизнис Инфо: Едукацијата е дел од успехот, колку вие инвестирате во лична и компаниска надоградба на знаења и вештини?

Инвестициите во личната и колективната едукација секако дека се неопходни за достигнување на личните и професионалните успеси. Во областите на мојот професионален ангажман континуираната едукацијата безусловно е потребна заради комплексноста и интердисциплинарноста на прашањата со кои се соочувам особено во областа на заштита на животната средина. Знаењата и вештините на тимот со кој работите мора да се соодветни и компетентни за да може тимот да ве следи и да ви даде поддршка на патот кон достигнување на поставените компаниски цели. Секогаш сум инспирирана да научам нови нешта и да стекнам нови вештини со кои креирам нови визии за развој на бизнисот.

Бизнис Инфо: Дали имате формула според која го урамнотежувате приватниот и професионалниот живот?

Формула немам, но знам дека предуслов за успешност на професионален план е успешен баланс со приватниот живот. Остварување на успешен баланс меѓу приватниот и професионалниот живот е најголем предизвик за секоја жена претприемач. Задоволството и исполнетоста во приватниот живот е постојан извор на енергија за справување со бизнис проблемите. Ако сум задоволна во приватниот живот, на работа доаѓам со огромна сила и енергија. Исто така, ако сум среќна на работа, дома се враќам исполнета со голема енергија! Моето семејство е мојата поткрепа и движечка сила. Без нивната поддршка, разбирање и толеранција сигурно нема да можеше да се постигнат сите успешни резултати во работењето до сега. Секако и негувањето на сопствената ментална, духовна и емоционална страна е исто така од огромна важност за успешноста во животот воопшто. Во моето слободно време секојпат настојувам да најдам време само за себе кое го употребувам за читање книги, пешачење, пливање или практикување на кинеската вештина Chi Gong  (урамнотежување на јин и јанг енергиите преку соодветни вежби).

Бизнис Инфо: Колку на жените во Македонија им е потешко да водат сопствен бизнис за разлика од мажите?

Водењето бизнис во Македонија самото по себе е тешка работа која бара фокусираност и посветеност на сите полиња. Се согласувам дека на жените им треба дополнителна поддршка и охрабрување за отпочнување на бизнис бидејќи жените по самата своја природа премногу анализираат, но сметам дека кога оваа прва препрека ќе ја поминат жените сигурно и самоуверено ги покажуваат сопствените  предиспозиции да го водат бизнисот дури и подобро од мажите.

Бизнис Инфо: На кој успех сте најгорди, а од која грешка во текот на кариерата успеавте да извлечете најголема поука?

Во мојата долгогодишна кариера сум постигнала голем број успеси на кои сум особено горда. Секој постигнат успех бил мотив и енергија повеќе за достигнување следниот успех. Професионално особено сум горда на континуираниот развој на лабораторијата на Технолаб во која теренската и аналитичката лабораторија секојдневно се поддршка и надополнување една на друга но и на останатите сектори во Технолаб. За грешките велат дека е најдобро да учиме од туѓите грешки што не секогаш е применливо особено во бизнис секторот. За себе не сметам дека сум направила многу грешки во текот на кариерата, но секојдневно се трудам да извлечам добра и корисна поука од ситуациите за кои не сум сигурна дека сум постапила исправно.

Бизнис Инфо: Дали имате некоја инспиративна мисла што ве води на патот кон успехот?

Секој нов предизвик претставува нова можност и нов потенцијал, останува на нас дали и како ќе ги искористиме.