
Од утре земјава и практично станува дел од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат плаќања во евра на ист начин како и во земјите од Европската унија.
“Од утре, 7 октомври, плаќањата во евра со земјите од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) ќе бидат околу 6 пати поевтини и побрзи! Плаќање од 500 € кое досега чинеше околу 1.600 денари, од утре ќе чини околу 260 денари. #СЕПА значи побрзи, поевтини и посигурни плаќања во евра за граѓаните и компаниите“, напиша денеска гувернерот на Народната банка Трајко Славески на платформата „Х“.
💶 Од утре, 7 октомври, плаќањата во евра со земјите од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) ќе бидат околу 6 пати поевтини и побрзи!
Плаќање од 500 € кое досега чинеше околу 1.600 денари, од утре ќе чини околу 260 денари.#СЕПА значи побрзи, поевтини и посигурни…— Trajko Slaveski (@TSlaveski) October 6, 2025
На 6 март годинава Европскиот совет за плаќања ја прифати апликацијата на нашата земја, со што станавме членка на СЕПА, со што им се овозможува приклучување на домашните банки во платежните шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 40 земји членки.
Што ни носи членството во СЕПА?
Стандардизираност – Прекуграничните плаќања во евра ќе се извршуваат според истите правила како и за граѓаните и компаниите во ЕУ.
Ефикасност – Брзи прекугранични плаќања во евра во текот на истиот или најдоцна следниот работен ден, за што ќе бидат потребни само 4 податоци: сметката на испраќачот, сметката на примателот, износот и кратко објаснување за основата на плаќањето.
Пониски трошоци – Значително намалување на трошоците на банките за извршување на плаќањата, а со тоа и намалување на надоместоците на банките за клиентите.
Автоматизираност – Примена на напредни технологии и иновации кои овозможуваат ефикасност, сигурност и подобро корисничко искуство.
Придобивки кои значат полесно, побрзо и поевтино прекугранично плаќање во евра за сите!