Сериозен пад на продажбата на индустриски роботи во САД

28

Северноамериканските компании нарачале значително помалку роботи во 2023 година, ставајќи крај на петгодишниот бум во услови на забавување на економијата и повисоки каматни стапки што го отежнуваат набавката на софистицирани машини, покажа истражувањето.
„Кога состојбата на економијата не е одлична, полесно е да се одложи купувањето“, рече Џеф Бурнштајн, претседател на здружението на производители на роботи А3, кое ги следи нарачките.

Компаниите купиле 31.159 роботи минатата година, 30 отсто помалку отколку во 2022 година, пресмета А3. Процентуалниот пад е најголем од 2006 година, открија тие.

Побарувачката е намалена кај компаниите поврзани со автомобилската индустрија, кои сочинуваа околу половина од пазарот на роботи минатата година, но и во секторите за преработка на храна и метал.

Во четвртиот квартал, производителите на роботи забележале 7.683 нарачки, осум отсто помалку отколку во истиот период во 2022 година.

Universal Robots, дански производител на мали флексибилни роботи, неодамна објави дека неговиот приход во 2023 година паднал за седум отсто на 304 милиони долари.

Продажбата беше попречена минатата година поради загриженоста за лошата економија и вишокот на залихи создаден во пандемијата на ковид-19, кога продажбата на роботи порасна додека производителите бараа решение за недостигот на работна сила. 2022 година беше рекордна по бројот на нарачки, покажуваат податоците на А3.

Забавувањето на побарувачката во 2023 година се совпадна со најавата на одредени производители за развој на понапредни верзии на машините.

Така, стартапот за роботика Figure во јануари објави дека склучил партнерство со германското BMW што треба да резултира со инсталирање на хуманоидни роботи во фабриката за автомобили на BMW во Јужна Каролина. Хуманоидни роботи се развиваат и од производителот на електрични возила Tesla.