Шанса, простор, време и ресурси на младите умови во земјава

34

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска присуствуваше на презентацијата на развиени прототипови од студентската програма Innovations in Smart Anything Everywhere (INNO-SAE 2019), што се одржа на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитет Св. Кирил и Методиј, стои во соопштението.

Студентската програма Innovations in Smart Anything Everywhere (INNO-SAE 2019) е иницијатива на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ за демонстрација на иновативниот капацитет на студентите на УКИМ, а во презентацијата на прототипови реализирана од седум тимови, учествуваа студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Архитектонскиот факултет, Економскиот факултет, Фармацевтскиот факултет, Филозофскиот факултет и од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање, истакнувајќи дека ретко се среќава ваква меѓуинституционална и меѓуфакултетска соработка, нагласи дека ваков интердисциплинарен пристап е попродуктивен. Порача дека на овој пионерски потфат треба да се угледаат и други универзитети од целата држава.

“Да им дадеме само шанса, простор, време и ресурси на овие млади умови и само треба да ги следиме, ништо повеќе од тоа“, рече претседателот Пендаровски.

Претседателот се осврна и на политиката на државата кон образованието и кон науката и оцени дека како држава недозволено малку одвојуваме за образованието, а уште полошо стоиме во однос на одвојувањето средства од буџетот наменети за истражување и развој.