Шефот на Дојче банк: „Врвот на растот на цените може да биде на есен“

62

Силната инфлација е како бомба која бие под самиот темел на општеството, предупреди првиот човек на Дојче банк и претседател на Здружението на германските банки (БВБ), Кристијан Зевинг.

„Силната инфлација и негативните каматни стапки се погубна закана за општеството – инфлацијата мора да се намали што е можно побрзо“, рече Зевинг за ДПА во понеделникот.

Бранот на силни поскапувања ја турна инфлацијата на годишна основа, односно растот на цените на мало во претходните 12 месеци, на 7,9 отсто во мај, што е највисоко во речиси половина век.

Прелиминарните статистички податоци за јуни излегуваат во среда, но веќе е јасно дека „многу работи укажуваат дека врвот на инфлацијата може да биде наесен“, рече Зевинг.

„Инфлацијата, сепак, ќе ја има подолго и нема да исчезне и со најавените интервенции на каматните стапки“, додаде банкарот.

Европската централна банка (ЕЦБ), која во нормални услови се обидува да ја задржи стапката на инфлација на околу два отсто, планира на 21 јули да ја зголеми референтната каматна стапка за 0,25 процентни поени, потсетува ДПА.

Зевинг оценува дека тоа е добар сигнал.

„Веќе реков дека тоа требаше да се случи порано, но сега сме на добар пат и треба да ја поддржиме ЕЦБ“, додаде тој.