
„Фолксваген“ сака да направи повеќе големи инвестиции во САД, изјави извршниот директор на германскиот гигант, Оливер Блуме, во интервју за германските медиуми, додавајќи дека разговорите за царините за автомобили со американската влада биле „фер“ и „конструктивни“.
Голем број странски компании најавија инвестиции во САД како одговор на царините за увоз на претседателот Доналд Трамп, но досега германските производители на автомобили беа многу повнимателни во однос на распределбата на повеќе средства на нивниот најголем извозен пазар.
Брендот Ауди на Фолксваген, кој во моментов нема никакви производствени капацитети во САД, планира да започне со производство на некои модели во таа земја – иако Ауди вели дека овие планови постоеле дури и пред доаѓањето на власт на Трамп и неговата влада. „Досега имавме апсолутно фер и конструктивни разговори… Бев во Вашингтон и оттогаш сме во редовен дијалог“, рече Блуме во интервју за „Зидојче Цајтунг“.
Блуме, кој е и претседател на одборот на Порше АГ, рече дека главниот контакт на Фолксваген во Вашингтон бил американскиот секретар за трговија Хауард Лутник, додавајќи дека не сакал да открива детали бидејќи разговорите биле доверливи. Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на други извори, минатата недела објави дека големите производители се во контакт со Вашингтон во врска со потенцијален договор за царини, обидувајќи се да добијат одредено олеснување од увозните давачки преку инвестиции во САД и извоз на готови возила во странство.
Според анализата на ревидираните деловни планови и проекции на неколку десетици од најголемите глобални компании, трговската војна на Трамп веќе им предизвикала штета од над 34 милијарди долари, во форма на пад на продажбата и повисоки оперативни трошоци, а компаниите применуваат разновидни стратегии за справување со проблемот.
Поголемиот дел од наметнатите царини беа блокирани оваа недела од страна на Федералниот суд за меѓународна трговија во Њујорк, но потоа апелациониот суд привремено ги врати во сила додека формалната жалба на администрацијата на Трамп на одлуката на трговскиот суд се разгледува подетално. Сепак, пресудата влијаеше само на таканаречените „реципрочни“ царински давачки, а не влијаеше на секторските царински давачки, вклучително и данокот од 25 проценти воведен за увоз на странски автомобили.
Во неодамнешното истражување на германското здружение на производители на машини VDMA, речиси три четвртини од компаниите потврдија дека неизвесноста околу трговската политика на САД има силно влијание врз нивната конкурентност, додека само 43 проценти го кажаа истото за царините од 10 проценти наметнати на стоки од повеќето трговски партнери на САД.
„Неизвесноста околу американските тарифи создава повеќе проблеми за нашиот сектор отколку самите тарифи. Неизвесноста води до одложувања во одлуките за големи набавки, вклучително и за американските компании кои мора да купуваат увезена машинерија за да го зголемат своето локално производство“, изјави за Ројтерс Ендру Адаир, консултант за северноамерикански трговски односи на VDME.