Шефот на Меѓународната агенција за енергија: Светот е во својата „прва вистинска глобална енергетска криза“

Заострувањето на пазарот на течен природен гас (ЛНГ) ширум светот и намалувањето на снабдувањето од големите производители на нафта го ставија светот во центарот на „првата вистинска глобална енергетска криза“, изјави во вторникот шефот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Зголемениот увоз на ЛНГ во Европа во време на украинската криза и потенцијалното закрепнување на кинескиот апетит за гориво ќе го затегне пазарот, бидејќи само 20 милијарди кубни метри нов капацитет на ЛНГ ќе се појават на пазарот следната година, изјави извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол, за време на Меѓународната недела на енергија , настан одржан во Сингапур.

Во исто време, неодамнешната одлука на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, познати како ОПЕК +, да го намалат производството за 2 милиони барели дневно (bpd) е ризична одлука, рече Бирол.

„Тоа е особено ризично бидејќи неколку економии ширум светот се на работ на рецесија, ако зборуваме за глобална рецесија… Сметав дека оваа одлука е навистина несреќна“, рече тој.

Зголемените глобални цени на бројни извори на енергија, вклучително нафтата, природниот гас и јагленот, ги оптоваруваат потрошувачите во исто време кога веќе се соочуваат со зголемена инфлација на храната и услугите, оценува CNN, додавајќи дека високите цени и можноста за рационализирање се потенцијално опасни за европските потрошувачи, додека се подготвуваат за влез во зима.

„Европа би можела да ја преживее оваа зима, иако е погодена, ако времето остане благо“, рече Бирол.

„Ако нема да биде екстремно студена и долга зима, освен ако нема изненадувања во однос на она што го видовме, на пример експлозијата на гасоводот Северен тек, Европа би можела да ја помине оваа зима само со некои економски и социјални „модринки““, додаде тој.

Се очекува потрошувачката на нафта да се зголеми за 1,7 милиони барели дневно во 2023 година, така што на светот сè уште ќе му треба руска нафта за да ја задоволи побарувачката, рече Бирол.

Земјите од Г7 предложија механизам што ќе им овозможи на земјите во развој да купуваат руска нафта, но по пониски цени, за да го ограничат приходот на Москва по војната во Украина.

Официјален претставник на американското Министерство за финансии изјави за Ројтерс минатата недела дека не е неразумно да се верува дека 80% до 90% од руската нафта ќе продолжи да тече надвор од механизмот за ограничување на цената, доколку Москва се обиде да го прекрши.

„Мислам дека е добро бидејќи на светот засега сè уште му е потребна руска нафта за да стигне на пазарот. Опсегот од 80%-90% е добро и охрабрувачко ниво за да се задоволи побарувачката“, рече Бирол.

Иако сè уште има огромно количество стратешки нафтени резерви што може да се искористат за време на прекини во снабдувањето, друго ослободување во моментов не е на дневен ред, додаде тој.