Шест милиони евра во производство инвестира компанијата Бионика Фармацеутикалс

103

Нова производствена линија за фармацевтски производи пушти во употреба фармацевтската компанија Бионика Фармацеутикалс.

На настанот присуствуваа премиерот Никола Груевски и извршниот директор на германската компанија МЕРК, Маркус Рауер.

Основачот на Бионика Фармацеутикалс, Злата Нововиќ рече дека означувањето на стартот на производната линија е остварување на нивната цел која ја поставиле на самите почетоци и докажале дека и во Македонија преку партнерство со реномирани странски компании со големо искуство во оваа област можат да се произведуваат висококвалитетни фармацевтски производи по највисоки стандарди. „Нашата следна цел е над 70% од производството да го пласираме на странски пазари со што ќе ја докажеме и нашата висока конкурентност”, посочи Нововиќ.

Новиот погон за производство на фармацевтски производи претставува инвестиција вредна околу шест милиони евра, порача премиерот Груевски.

„Драго ми е што оваа инвестиција има и втора фаза во која ќе се инвестираат дополнителни четири милиони евра со што ќе се заокружи целосниот инвестициски циклус од 10 милиони евра, што е одличен предизвик за секоја фирма која работи во фармацевтско-хемиската индустрија“, истакна Груевски.