Што да правиме кога колегите ни ги крадат идеите?

145

Присвојувањето на вашите идеи од колегите или претпоставените е исклучително непријатно и нечесно, но има начини да се справите со ситуацијата. Понекогаш присвојувањето на идеја може да биде случајно, но во многу случаи колегите смислено крадат идеи. Еве неколку совети што можете да сторите доколку се најдете во ситуација да бидете “ограбени” на работното место:

Оценете ја ситуацијата

Пред да се вознемирите и да се испокарате со некого, земете здив и почекајте малку да се смират работите. Можеби вашиот претпоставен не располага со комплетна информација или не сте се искажале доволно јасно дека идејата е ваша. Важно е да оцените кој всушност е виновникот за “грабежот”. Ако се потпирате само на гласини и шпекулации, проверете ја нивната веродостојност пред да преземете акција. Непријатно е да се конфронтирате со некој кој всушност е невин. Креирањето тензија на работното место е лошо и за кариерата. И внимавајте, не треба постојано да потенцирате дека вие сè сте измислиле. Ова иритира, дури и да е вистина. Обидете се пасивно да нагласите дека учествувате во проектот.

Претставете се правилно

За да ја спречите ситуацијата во која претпоставениот директно ви ја презема идејата, потрудете се да го означите вашите придонес кон секој извештај што го правите и по можност, неагресивно да ги информирате другите менаџери за своите достигнувања. Така и шефот ќе сфати дека вие сте изворот на конкретната идеја.

Соочете се со проблемот

Кога ќе разберете дека некој ви ја украл идејата, најверојатно ќе сакате да се конфронтирате со колегата. Ако отидете да се жалите директно кај шефот, тоа може да има потполно спротивен ефект. Затоа бидете професионални. Не го напаѓајте колегата на лична основа. Обидете се да разговарате, велејќи дека веројатно не било намерно и нагласете го своето учество во проектот или идејата. Останете позитивно расположени, така проблемот полесно ќе го оставите зад себе.

Почитувајте и пофалете ги туѓите идеи

Еден од начините да се заштитите од кражби на вашите идеи е да ги поздравите и пофалите идеите на вашите колеги, кога ќе измислат нешто добро и иновативно. Пофалете го нивниот придонес кон проектот пред останатите колеги, така ќе ги поттикнете и останатите да го прават истото, па некогаш да го пофалат и вашиот труд. На тој начин и менаџерите ќе знаат дека сте чесни и дека ја цените работата и трудот и на другите.

Фото: Pixabay