Што е благајнички запис?

1406

Благајничките записи се краткорочни хартии од вредност што ги издава Народна банка на Република Македонија коишто претставуваат основен инструмент на монетарната политика во Македонија. Благајничките записи за прв пат се појавија на 14 февруари 1994 година како замена на државните записи, коишто во тоа време сѐ уште не постоеја.

Благајничките записи се дематеријализирани, т.е. постојат само како електронски запис, а не во хартиена, материјална форма, при што, НБРМ води електронски регистар за сопственоста на благајничките записи. Тие може да бидат со различни рокови на достасување, но најчесто се јавуваат со рочност од 28 денови.

Благајничките записи спаѓаат во групата на дисконтни хартии од вредност, бидејќи на нив директно не се исплаќа камата, туку тие се продаваат по пониска цена од номиналната вредност (со дисконт), а на денот на достасувањето, на нивниот сопственик му се исплаќа номиналната вредност. Оттука, разликата меѓу номиналната вредност на благајничките записи и нивната продажна вредност ја претставува заработката (каматата).

Цена на благајничкиот запис

Дисконтираната вредност на благајничкиот запис, за 100 единици номинална вредност, се пресметува според следнава формула:

C = 100 * 1/(1+KS*D/36000),

каде што:

C = цена на 100 единици номинална вредност на благајничките записи,

KS = годишна каматна стапка (во %),

D = број на денови на достасување.

Соодветно на формулата, на пример, цената на 100 единици благајнички записи, коишто носат каматна стапка од 3% и имаат рочност од 28 денови ќе изнесува:

C = 100 * 1/(1+3*28/36000) = 99,7672 денари

Аукции на благајнички записи

НБРМ ги продава благајничките записи на аукции на коишто може да учествуваат само банките, при што до мај 2004 година, претпријатијата и другите правни лица, како и населението можеа да купуваат благајнички записи со посредство на банките.

Благајничките записи како инструмент на монетарната политика

Почнувајќи од 2000-та година, аукциите на благајничките записи се јавуваат како основен инструмент на монетарната политика во Македонија. Така, доколку НБРМ сака да ја намали паричната маса, таа го зголемува износот на записите што ги нуди на продажба, т.е. продава повеќе записи во споредба со износот што достасува за наплата.

Обратно, доколку НБРМ сака да ја зголеми паричната маса, таа го намалува износот на благајничките записи што ги нуди за продажба, т.е. продава помалку записи од износот што достасува за наплата.

Фото: Pixabay