Деловна (трговска) тајна е збир на доверливи информации што имаат посебно значење за оние кои ги поседуваат. Притоа е важно информацијата да биде тајна, т.е. не смее да биде општо позната, да има комерцијална вредност, а најчесто таа е и соодветно заштитена со закон или со одлука.
Деловна тајна всушност претставува комплекс од податоци и инфорамции што се користат во бизнисот, којшто припаѓа на деловниот субјект, обезбедува економска корист и обезбедува одредена предност над конкуренцијата.
Заштитата на деловната тајна е пропишана со бројни меѓународни акти. Во Европска унија, таков е случајот со Директивата 2016/943 за заштита на неоткриени знаења и искуства и трговски информации (деловни тајни) од незаконско набавување, користење и употреба.
Во Македонија не постои посебен закон за заштита на деловната тајна или за заштита на податоците. Сепак, деловната тајна е предмет на разработка во Законот за работни односи каде во членот 35 е предвидено дека работникот не смее да ги искористи за себе или да ги предаде на трето лице податоците што се сметаат за деловна тајна на работодавачот, а кои со посебен акт ги одредува работодавачот и кои ќе му бидат доверени на работникот како деловна тајна. Притоа, работникот се смета за одговорен за нарушување на деловната тајна ако знаел или морал да знае дека податоците имаат таков карактер. Оваа обврска важи и откако работникот повеќе на работи во фирмата со чијашто деловна тајна бил запознат.
Оддавањето или неовластеното набавување податоци што се сметаат за деловна тајна се смета за кривично дело. Така, со членот 281 од Кривичниот законик на Република Македонија, за оддвање на деловна тајна, предвидени се и затворски казни чијашто висина зависи од “тежината“ на деловната тајна.
Фото: Pixabay