Што е филантропија?

1726

Фото: Pixabay

Филантропија е збор од грчко потекло (filein – да се сака, antropos – човек), па може да се преведе како човекољубие. Со други зборови, тоа е добра волја да им се помогне на оние на кои им е неопходна помош или поддршка.

Филантропијата се покажува преку активности, дела и одлуки што се преземаат за да им се подобри состојбата на оние кои наидуваат на пречки или предизвици. Филантроп е оној кој сака да им помага на луѓето, без притоа да размислува дали ќе има корист од тоа и дали во јавноста ќе се зборува за неговите добри дела.

Филантропијата, како желба да им се помогне на другите, најчесто се однесува на подготвеност да се даде финансиска или материјална донација, активности насочени кон хумани цели. Понекогаш, филантропот не мора да биде најбогатиот човек на светот за да им помогне на оние кои се наоѓаат во неволја. За среќа, се буди човечноста во ситуации кога постојат големи несреќи, трагедии, елементарни непогоди. Но, не треба да се чека да се случи нешто толку лошо за да се покаже добрина и подготвеност за помош и поддршка на луѓето кои имаат потреба од тоа.

Во светот постојат голем број богаташи, кои несебично дел д своето богатство го споделуваат во хумани цели, поддржуваат најразлични кампањи поврзани со здравје, образование, справување со сиромаштија и слично. Меѓу оние милијардери на кои покрај нивното име се додава епитетот филантроп се: Ворен Бафет, Бил и Мелинда Гејтс, Мајкл Блумберг, семејството Валтон, Џорџ Сорос, Марк Цукерберг и Присила Чан, Гордон и Бети Мур, Џејсм и Марилин Симонс.