Што е кредит, а што заем?

803

Фото: Pixabay

За да може да се разбере нивното значење и полесно да се увидат разликите, потребно е да се направи дистинкција помеѓу поимите кредит и заем. Станува збор за скоро идентични поими, сепак постојат одредени разлики меѓу нив. Тоа значи дека секој кредит во исто време е и заем, а заемот не мора да биде и кредит.

Кредитот според дефиниција претставува договор со којшто банката се обврзува дека на корисникот на кредитот ќе му стави на располагање одреден износ на парични средства, за одредена намена или без намена, а корисникот се обврзува да плаќа одреден надомест во форма на камата и добиениот износ на пари да го врати според однапред договорени услови.

Од друга страна, договорот за заем претставува договор со којшто заемодавачот се обврзува на другото лице во форма на заемопримач да му отстапи одреден износ на средства или други предмети, а заемопримачот се обврзува по извесен период да му ја врати истата количина на пари, со или без надомест.

Од ова може да се заклучи дека и двата договора се слични, а различни се по тоа што со кредитните работи може да се занимаваат само банки, а договорот за заем може да го склучат било кои физички или правни лица. Предмет на договор за кредит исклучително се само пари, додека кај договорот за заем може да станат збор и други заменливи предмети. Кај договорот за кредит, еден од важните елементи е каматата, додека кај договорот за заем каматата не е задолжителна.

Она по што се разликуваат овие два поими е и кредиторот, односно заемодавачот. Во случај на кредит, секогаш се работи за банка или друга финансиска институција, што не е случај кај заемот каде што заемодавачот може да биде и банка, но и друга небанкарска или нефинансиска институција.